Archive for October, 2007
Има ли пилот во авионот?
Не знам што треба да се случи за да се промени начинот на мислење кај оние што од избори на избори покажуваат (лажен) интерес за народот олицетворен во грда политичка кампања.
Страшната вест за малтертирањето на 17 -годишно дете, сиромашно, болно од епилепсија се чини уште пострашна ако се знае дека земјава нема капацитети да сe справи со вакви состојби. Родителите на ова дете не и` плаќаат даноци на Република Македонија за надлежните институции да не функционираат, а вработените да им слугуваат на партиско – роднинските главешини.
Штетата е ненадоместлива, и навистина ме интересира дали некој од позицијата или опозицијата со предизборен жар ќе појде кај родителите на момчето и останатите селани за да им ги каже придобивките од ЕУ интеграцијата или НАТО членството.
2 comments October 31, 2007
Трговија со бебиња
Во медиумите конечно почна да се зборува за рушветот што треба да се даде за да се усвои дете. Во текстот се посочуваат моќни лица во општеството кои профитирале од оваа криминална дејност. Сепак изворот на информацијата не ги обелоденува имињата, а тврди дека не се плаши. Тоа што во овој момент ме интересира е дали ќе се направи барем еден минимален чекор за сузбивање на оваа појава. Владата е на потег. Министерството за труд и социјала само скандали го тресат, а ни власта ни опозицијата не ги интересира судбината на т.н. маргинализирани групи. И на едните и на другите само власт и пари им се во главите.
Интересна е позицијата на брачните парови кои сакаат да усвојат дете. Се жалат дека долго чекале и згора на тоа и мито им барале. Јас за оваа ситуација се заинтересирав пред неколку години бидејќи не ми беше јасно како е можно да нема деца за усвојување, а домовите за деца без родители да се полни ?! И така истражувајќи дознав дека „хуманите“ брачни парови (1) претпочитале усвојување на бебиња, а не на големи деца и (2) сакале бебето да биде од македонска националност т.е. мајката да е христијанака. Ете драги мои каков хуманизам се терало. Ако мајката што го оставила своето дете е пример,Ромка тогаш тие деца не се „атрактивни“. Значи имаме вештачка ситуација на недостиг на деца за усвојување и идни родители оптеретени со етнички предрасуди кон бебињата! Ако некогаш имам можност да работам во институција за социјални грижи тогаш сигурно дека на ваквите националистички родители не би им дозволил да усвојат било какво дете т.е. како психолог би напишал извештај кој не им дозволува да станат родители.
Позицијата на мајките кои ги напуштиле своите деца е проблематична на многу начини, но останав без текст кога прочитав дека овие госпоѓи имале законско право да кажат дали детето може или не може да биде усвоено (цитирам „..биолошките родители да немаат право да потпишуваат забрани за посвојување на децата од други лица…“ ). Боже, се откажува од детето и уште порачува дали треба или нетреба да биде усвоено. Значи институциите за згрижување на децата без родители се бејбиситери на мајките кои ги напуштиле сопствените деца. Требало мудриот законодавец да им даде и право на надзор врз работата на стручните тимови што работат во домовите за деца без родители.
Како што гледаме работава е исплеткана и најтешко им е токму на децата и младите кои израснале или раснат во домовите за деца без родители. Повеке од јасно е дека оваа категорија граѓани ја заслужува поддршката од останатите, дотолку повеќе што живееме во општество во кое цвета непотизмот и родителско – роднинските врски се од голема важност за просперитетот на сите нивоа на општествениот живот.
6 comments October 29, 2007
Препорака
Почитувани ви го препорачувам за читање блогот на мојот колега Јове кој со своите исцрпни коментари на мојот блог допринесуваше (и придонесува) за посестрано разгледување не темата што е разработена. Еве ја адресата: http://scripturebyjove.blogspot.com/
Мило ми е што денес имав можност да ви посочам две убави работи – филм и блог.
Add comment October 28, 2007
Превртено – одлично
Пред некој ден го гледав македонскиот филм „Превртено“ и според мое мислење филмот е одличен. „Превртено“ е еден вид екаранизација на романот „Папокот на светот“ од Венко Андоновски. Овој филм преку приказната за денешните луѓе во Македонија на суштествен начин ги третира пршањата за живот, смртта, љубовта, животните патишта, погледот на светот итн.
Add comment October 28, 2007
Господине Костовски погребите не се за спектакли и снобизам
Катастрофалниот градоначалник на Скопје не е задоволен од погребот на Тоше. Тој сакал тоа да биде незнам каква церемонија, а Тоше да бил погребен во Скопје кај заслужните граѓани.
Прво, Костовски треба да знае дека Тоше беше скромен и непосреден човек и мислам дека разделбата со него не требаше да биде некаков спектакл, нити пак од вакви трагедии требаше да се прават спектакли.
Второ,Тоше никогаш не го сокриваше своето место од каде што потекнуваше. Напротив имам впечаток дека Тоше на некој начин го промовираше Крушево. Немаше никаков комплекс во врска со своето потекло, за разлика од Вас господине Костовски што ни еднаш јавно не сте ја споменале Гевгелија.
Трето, почитта кон Тоше најдобро ќе ја изразиме ако во годините живот што ни следуваат и ние бидиме хумани, широкогради, добри, чесни, искрени, скромни, трудољубиви каков што беше Тоше. Тоа е вистинскиот начин за оддавање на почит кон Тоше, а не организацијата на погребот или местото на погребување.
Четврто, снобизмот кој континуирано го промовирате потенцирајќи го Скопје и потценувајќи ги луѓето од внатрешноста на Македонија, нема да Ве направи поуспешен градоначалник, како што и бавното говорење на прес конференциите не Ве прави поначитан и пописмен.
Четврто, како градоначалник на Скопје имате уште малку време да направите нешто за Скопје, бидејќи го излежавте цел мандат. Подобро е да го работите она за што граѓаните Ве избраа, а не да ги оценувате и класифицирате погребите на луѓето.
Add comment October 27, 2007
Стојници и КУМОВИ – глупост која води во тоталитаризам
Не знам дали Македонија чекори кон ЕУ, ама знам дека црнила ќе се надвиснат, ако Владата реши да ги оданочува лицата што не склучиле брак. Оваа вест ја дознав неформално и не знам колку е вистинита и сериозна, но дека е опасна сум сигурен. Данокот кој ќе го плаќаат стрите моми и старите ергени ќе бил нешто како данок на луксуз. Демек овие наши сограѓани се луксузирале.
Ако разведениот и преженетиот Грујо е десничар по убедување (како мене) тогаш треба да знае дека бракот е Света Тајна и разводот е духовен срам-пад за еден христијанин. Би го прашал зошто не воведе казна за разведување? Зарем менувањето на жените во текот на животот не е луксуз?
Што е со лицата кои сакаат да живеат во слободен брак? Или со лицата кои сакаат да склучат брак пред Бога, но не и пред институциите на државата во кои доминираат партиските послушници? Јас на пример, лично го претпочитам духовниот чин во бракот, и сметам дека државата нема што да ме казнува или наградува за мојот интимен живот. За мене е глупост државен чиновник да ми потврди дека со избраната особа сум во заедница. Зарем ние сме неинтелигентни па некој треба да ни даде пусулче – црно на бело за да си знаеме во каков однос сме.
Сметам дека Архиепископот не треба да тера дружби со Претседателот и со Премиерот т.е. Црквата да се оддели од државата, оти државата душата им ја извади на верниците.Крајно време е МПЦ да се насочи кон Христа и да почне да венчава без никаква потврда од општинските т.е. државните власти кои во измитаниве години се покажаа антихристијански.
Ако се реализира глупоста за оданочување на лицата што го одолговлекуваат стапувањето во брак, тогаш ќе се формираат фиктивни бракови. Како државата ќе ги проверува лицата дали се во брак реално или фиктивно? Замислете доаѓа инспектор во вашата спална соба и вие треба со сопругата да го убедите дека сте маж жена на лице место!
Мислам дека ваквите предлози ќе доведат до брза трансформација на нивните предлагачи (и поддржувачи) од стројници во кумови.
7 comments October 23, 2007
ЈСП не ја намалува цената на билетите
Кога ја прашав благајничката на ЈСП зошто ми наплаќа иста цена за билетот и покрај намаленото ДДВ, таа кратко ми рече: „Цената на билетот е непроменета“. Јас се правам на удрен (бидејќи овие од ЈСП ми се омилени за опсервација) и и` велам: „Госпоѓо на вести чув дека де-де-ве-то од 18% е намалено на 5%“. Касиерката пак повторува: „Цената на билетот е непроменета“. Ау брате роботе, си велам во себе.
Ете почитувани, ми стана јасно зошто за ЈСП се велело држава е. Тоа занчело дека во ЈСП други закони важат. Ако вака продолжат, луѓето ќе викаат ЈСП држава беше.
3 comments October 21, 2007
Тага
Веста дека Тоше умре ја дознав денес, бидејќи доцна ноќеска се вратив во Македонија по краток престој во странство. Загубата на овој млад живот не значи само трагедија што смртта со себе ја носи, туку смртта на Тоше ја доживувам како загуба на едно хумано, чесно, добро, паметно, талентирано момче за кое би рекол дека беше вистински пример за тоа какво треба да биде човечкото суштество. Тагата која ја чувствувам ме води до хуманизмот на Маслов, детрминациите на Јунг, учењата на византиските Отци и се` ми е тажно. Многу тажно.
1 comment October 17, 2007
Демон-страциите во Франција
Еден читател на мојот блог – Петар, пред некое време ми испрати по меил фотографии поврзани со протестите во Франција. Изрази очекување за релевантноста на темата со што јас се согласувам па еве и одлучив да дадам свое видување на нештата што Петар ги посочи како атрактивни.
Да ги погледаме најпрво фотографиите:


Уништени автомобили во текот на демонстрациите. Вистински вандализам.
Прашања:
1. КОЈ демонстрираше ?
2.ЗОШТО демонстрираше?
3.ЧИИ кавтомобили се изгорени?
Одговори:
1. Демонстрираа ДЕЛ од емигрантите – доселеници, ДЕЛ од оние кои имаат легален престој и ДЕЛ од оние кои се црно.
2. Причината за демонстарциите беше нивната лоша положба во општеството. Не ми јасно како може некој кој е нелегално во некоја земја да се буни за својата положба. Исто така не можам да разберам како некој може да ја напушти својата матична држава, да замине во странска држава и пак да не му е погодено! Најверојатно тие лица што имаат проблем со повеќе земји, најмногу имаат проблем со себе и своето поведение.
3. Уништените автомобили се на емигранти како нив. Протестите во поголемите француски градови беа лоцирани главно во сиромашните емигрантски квартови. Во арапските гета на пример, малку е веројатно дека француската буржуазија ги пракира своите автомобили.
3 comments October 13, 2007
Јапонски филмови во МКЦ
Според информациите што ги добив од 11.10.2007 па во наредните неколку дена ќе се прикажуваат јапонски филмови во МКЦ. Почетокот е во 20:00 часот, а цената на билетите 60 денари.
За жал оваа информација не фигурира ни на сајтот на МКЦ, ни на сајтот на киното „Фросина“ кое работи во рамките на МКЦ. Ако ги посетите нивните веб стани ќе видите дека изобилуваат со застарени информации. Така на сајтот на „Фросина“ во линкот за репертоар стои информација од месец мај. Не знам како можат да се жалат на ниски плати, лоша финасиска состојба, а да се толку многу мрзливи.
Како и да е јапонската конематографија е според мене една од најдобрите и мислам дека е одлична работа да се проследат овие филмови. Ова важи дотолку повеќе што филмот е едно од средствата за масовна комуникација што ќе рече овоможува воспоставување на контакт со Јапонија во услови кога малкумина од Македонија можат да си приуштат патување до оваа далечна земја.
Add comment October 10, 2007