Archive for August, 2007

Зоо парк на издишка

Ако ја посетите зоолошката градина во Париз (Вансен), потполно ќе се разочарате. Некогашниот првокласен зоо парк денес располага со скромен фонд на животни. Тие живеат во не така убави услови. Видете го домот мајмунов на пример:

majmun.jpg

Како што шетате низ зоолошката градина забележувате грди живеалишта во кои одамна нема животни. Обраснати со треви се местата од каде што треба да се гледаат животните низ дебелите стакла. Следнава слика тоа го покажува:

staklo1.jpg

Лошата состојба на зоолошката градина се гледа и на следнава фотографија:

dupkq.jpg

Очигледно живеалиштата пропаѓаат.

Накратко би споменал дека во зоо паркот нема лав, тигар, слон итн.

Кога ќе ја споредам скопската со париската зоолошка градина тогаш нашата е 15 пати подобра. Разговарав со Парижаните за зоо паркот и тие ми рекоја дека невладините организации за заштита на животните тврделе дека не е добро животните да се држат во еден вид затвор и барале затворање на зоолошките градини. Ако е така, тогаш каде ги чуваат нивните домашни галеничиња (а ги има премногу)? За рибата затвор е аквариумот, за кучето станот итн. Додека го пишувам овој текст Франција ја тресат скандалозни случувања во кои кучиња убиваат бебиња. Се предлага закон со кој ќе се забрани вкрстување на кучињата со цел да се спречи формирање на опасни сорти на кучиња.

Не можам да сфатам со што се загрозени правата на животните, ако само по неколку примероци од целата раса се чуваат во зоолошка градина? Ваквите лицемерни дејанија се увезуваат и во Македонија, па не е чудо што и кај нас се води кампања за некаков си хуман однос кон животните, а нехуманоста на кучињата (скитици и расни) никаде не е спомната.

Add comment August 30, 2007

Извинување

Почитувани, сосема случајно забележав дека еден пост со име „Мерси“ е објавен пред да биде готов. Значи во сурова состојба односно во работна верзија. Ви се извинувам што прочитавте нешто што не е допишано докрај, а што требаше да ги опфати психолингвистичките и социо-политичките аспекти на човечката мисла.

Се надевам дека деновиве ќе го средам текстот, а потоа се разбира дека ќе го објавам.

Add comment August 29, 2007

Говорот на камп-приколките

Патувајќи низ Франција забележав дека на патиштата има многу туристи со камп приколки. На прв поглед се чини дека ништо нема импресивно во тоа, но податокот дека низ Европа се возат словенечките „Адрија“ приколки го наметнува прашањето зошто нема приколки од нашата „Треска“ ?

Ако ја видиме сликава на кој е претствена првата генерација на приколки на „Адрија“ ќе ни стане јасно дека „Треска“ и„Адрија“ биле ривали во периодот 1968 -1979 година. Ако имаме предвид дека станува збор за златната ера на СФРЈ тогаш лесно можеме да замислиме како работниците од „Треска“ земаат кредити за да го решат станбеното прашање, одат на пикници со полни трпези, весели се и полни со омраза кон Словенците оти тие сакале да ја растурат Титова Југославија.

Прва генерација на приколки

Словенците работат и си ги штитат своите интереси.

На следната слика е даден модел на приколка на „Адрија“ од 1978 -1984. Ако не се лажам и „Треска“ направи ваков модел.

Втора генерација на приколки

Што се случува со работникот од „Треска“во 1984? Кредитите ги изеде инфлацијата така што станчињата и куќите останаа бакшиш. Фабриката почнува да кенка. Парите се подкраднуваат од страна на другарите директори и наместо за инвестиции се пренаменуваат за поддршка на акциите за вработување. Фабриката мора да прими (не)работници кои не и требаат, но СКМ и СКЈ тоа го бараат. Нема кој да го штити интересот на Македонија бидејќи македонските политичари се со југословенски дух.Тие сакаат да ја спасат Југославија од евентуално распаѓање.

Словенците работат и си ги штитат своите интереси.

Во деведесттите години на минатиот век се распаѓа СФРЈ и за брзо време пропаѓа и „Треска“. Работниците се прогласени за технолошки вишок и се на улица.

Што се случува со „Адрија“ ? Сликите на сегашните модели на приколки говорат сами за себе. Уживајте:

Нови модели

nova2.jpg

nova3.jpg

nova4.jpg

Словенците работат и си ги штитат своите интереси.

Што правиме ние денес?

Дали ние денес работиме (колкав е бројот на невработени лица)?

Дали ги штитиме нашите интереси или во Европската унија ја бараме Титова Југославија?

Add comment August 24, 2007

Педофилскиот скандал

По 18 години затвор педофил од Франција е пуштен условно на слобода. Само два месеци по ослободувањето педофилот извршува сексуален напад врз 5 годишно дете. Во џебот му е најдена „Виагра“. На прашањето од каде ја нашол одговорил дека затворскиот лекар му ја дал.

Ова е скандалот што ја тресе Франција деновиве. Топ тема на медиумите во земјава.

Како што знаеме во Македонија сексуалните напади врз деца се во подем или пак се работи за позачестено пријавување на сексуалните злосторници во споредба со минатото кога срамот и стравот на жртвите ги штитеше педофилите. Како и да е, педофилијата е сериозен психолошки проблем и сериозна аномалија на општеството.

Психолозите знаат дека случаите на педофилија се наизвесен начин блиски до оние на зоофилија. И во едниот и во другиот случај станува збор за преценување на објектот. Во свеста на педофилот детето е преценето и е восприемано како возрасна индивидуа со која е можен сексуален однос. Кај зоофилијата се јавува поголемо преценување на сексуалниот објект. Таму животното се издига на ниво на човек и се воспоставува секуален контакт. Зголеменото преценување на сексуалниот објект кај зоофилијата може да се перципира и како конверзија на еден квалитет во друг т.е. психолошко претварање на животното во човек.

Истражувањата во Македонија спроведени од психијатарот Антони Новотни сугерираат два психолошки типа на педофили. Едниот тип на педофили е наслиен, со социопатски и психопатски тенденции. Ваквите педофили имаат извршено бројни кривични дела меѓу кои и полов напад врз дете. Ваквите криминални злоставувачи на деца за своите жртви (кои обично се попубертески деца) ги опишуваат како возрасни и не се согласуваат девојчиња од 15 годишна возраст да бидат нарекувани деца (особено ако се понапредни во развојот). Според оваа група на педофили тинејџерите се восрасни индивидуи и нема ништо спорно во сексуалното општење со нив.

Интересен е податокот што од религиозна гледна точка дозволен е сексуален чин со лице од женски пол кое сексуално созреало т.е. добило прва менструација. Се разбира овој чин треба да биде во рамките на бракот, а предбачните сексуални односи се забранети.

Вториот тип на педофили што е откриен-потврден во македонските истражувања е психолошкиот профил на сексуален злосторник кој нема никакво кривично дело освен педофилија. Овие лица се камуфлирани во секојдневниот живот и „прилагодени“ во општеството. Сексуалниот злочин го вршат главно преку манипулација на децата (на пример, бараат децата да чуваат одредени тајни) , а ретко преку насилство како што беше случајот со претходниот тип на педофили.

Сепак педофилијата е голем општествен проблем. Социјалните норми и даваат специфика на оваа појава.На пример, случаите на педофилија како да се резервирани за мажите. Не сум слушнал за многу жени обвинети за педофилија. Перцепциите на педофилијата сторена од маж се различни од оние на жена. Сексуалниот чин помеѓу малолетна тинејџерка и млад возрасен маж се перцепира како педофилија. Сексуалниот чин помеѓу малолетен тинејџер и млада возрасна жена ремиси и да не се перципира како кривично дело.

3 comments August 21, 2007

Диви и питоми бракови

Лидерката на опозицијата во Франција, Сеголен Ројал е мајка на 4 деца и живее со нејзиниот избраник без формално склучен брак. Како што гледаме во Франција, нема никаков проблем да се има семејство и кариера без амин од државата и црквата. Меѓутоа социјалните работници од Македонија како главен проблем во работата со Ромите бегалци ги нагласуваа т.н. „диви“ бракови. На еден од состаноците организиран од УНХЦР им реплицирав дека „диви“ бракови нема и дека заедниците на дел од Ромите кои не се официјално регистрирани не сметаат да се одвива психосоцијалната интервенција. Таквите ставови беа дочекани на нож од страна на колегите од социјалното, додека никој од останатите невладини организации немаше ништо против одлуката на Ромите да живеат во она што јас го викам „слободен“ брак.

Од расправиите за Ромските бракови поминаа многу години. Го напуштив НВО секторот од лични причини и почнав да работам во државно што би се рекло по нашки. Еден ден на работа ни поделија книги – социологии од норвешки автори. Тие беа наменети за едукација на професорите и мислам дека јас сум еден од ретките што нив ги прочита иако беа задолжителни.Во едната од нив со наслов „Спектар“ имаше цело поглавје посвететно на бракот и семејството. Прочитав дека во Норвешка исто како и во Франција најнормална појава се „слободните“ бракови кои во норвешката книга ги сретнав под името „соживување“ (двајца партнери не склучиле брак туку без никакви формалности се впуштиле во соживот). Партнерите кои живеат во соживот не се проблем за никој во норвешкото општество, но тие сигурно би биле проблем за македонските социјални работници.

Последната нејаснотија во македонскиот микрокосмос ми е одлуката на МПЦ да не врши венчавки доколку партнерите немаат склучено формален брак пред државата. Тоа значи дека на Бога поважен му е печатот на локалниот службеник во матично, отколку љубовта на Неговите чеда. Да не заборавиме дека во Македонија црквата е одделена од државата.

3 comments August 18, 2007

Психологија на африканскиот менаџмент: Камерун – Франција – Македонија

Приказнава што ви прераскажувам изворно е раскажана од една Французинка која привремено живее во Камерун.

Некој Камерунец работел во француска фирма. Неговото дете било болно и требало да се оперира. Ама во Камерун луѓето се сиромашни, па таткото отишол кај Французинот кој бил главен во фирмата да замоли за 50 евра донација за оперирање на неговиот син. Французинот се согласил и му рекол на Камерунецов – татко да подигне пари од шефот на кадровското одделение кој исто така бил Камерунец. Камерунецов – татко го известил Камерунецов – шеф кој рекол дека ќе ги пушти парите. Камерунецов – шеф сакал да манифестира власт и моќ, па одлучил малку да го зеза татково кој имал мака. Шефот не ги пуштал парите некое време за да покажи кој е кој, и детето на Камерунецов – татко умрело.

По смртта на синот, Камерунецот – татко отишол кај Французинот да му се заблагодари за разбирањето и Французинов мислел дека детето е спасено. Кога чул дека детето починло заради 50 евра односно заради Камерунецот – шеф, се покајал што парите не му ги дал на Камерунецот – татко од својот личен џеб.

Ете тоа ви се африкански шефови. Дали познавате некаков сличен случај во Македонија? Kолку шефови од камерунски тип познавате?

Јас пред 1 година случајно запознав еден еманципиран Ром со хепатит Б. Лековите за оваа болест се купувале од Грција и чинеле околу 200 евра. Меѓутоа Ромов немал толку пари и затоа земал некои апчиња направени од тревки (екстракти од тревки). Со 200 евра Ромов ќе се излечеше, а вака останива да го чека денот за најлошото.

Грубо земено разликата помеѓу Камерун и Македонија е 150 евра.

3 comments August 13, 2007

Денес е петок – Are you in love?

Бидејќи е петок, крајот на работната недела или почетокот на викендот, одлучив да постирам нешто од The Cure поточно Fridey I’m in love.

Како православен христијанин, во петок, би било поприкладно да објавам византиско пеење кое многу го сакам, и таквиот избор би бил неконтадикторен со животиот стил на многу читатели.

Сепак се одлучив за The Cure како за група чија музика е одлична и е нераскинлив дел од она што се вика поп уметност, а песната Fridey I’m in love се надевам дека ќе биде вовед во вашиот пријатен викенд :)

4 comments August 10, 2007

Прво мерење на интелигенцијата – Париз 1905

Две години по задушувањето на Илинденското востание, во Франција за прв пат е мерена интелигенцијата на учениците. Цел на тестирањето била распоредување на учениците во класови според нивната интелигенција. Во историјата на психологијата Бине и Симон ќе бидат запомнати како први научници што некогаш мереле интелигенција. Бине ја развил позната Бине – Симонова скала кој првата своја модификација ја доживува во 1908 година.

Секое мое доаѓање во Париз на овој или оној начин ме потсетува на овој момент во развојот на психологијата. Ако некој во Франција во 1905 г. планирал да ја прилагоди наставата на учениците според нивните интелектуални способности, денес 2007, во Македонија со воведувањето на девтолетката се укина обврската децата задолжително да бидат психолошки тестирани пред поаѓање во училиште!

4 comments August 7, 2007

Да се излечи „Бардовци“

Во услови кога во Македонија има армија од невработени психолози, лекари, социјални работници итн, упорно се толерираат испади како овој со избеганите пациенти или оној кога докторот ја извади историјата на болеста на пациент пред новинарите.

Ако не се способни колегите од „Бардовци“ да се справат со предизвиците на работата, нека си дадат оставки, дотолку повеќе што станува збор за професии (психолози, лекари, социјални работници) кои имаат хумана димензија. На јавноста и е преку глава од оправдувања од типот: „не сум компетентен“, „нема пари“, нема не знам што.

Ваквите состојби никогаш нема да бидат надминати ако се продолжи со филозофијата: „Тој/таа се вработи и сега ќе има една плата за просечна живеачка.“ Очигледно во Македонија вработувањето во јавниот сектор значи придобивка за вработениот, но не и за институцијата во која се вработил. Од друга страна вработувањето во приватниот сектор е придобивка за претпријатието, но не и за вработениот. Ваквите состојби помагаат да се одговори прашањето – зошто сме на ова дерџе?

За крај би ги советувал колегите од „Бардовци“ да се фатат за работа со истиот елан со кој трчаат по проекти ненаситни од платите кои не ги ни заработиле.

6 comments August 5, 2007

Илинденски жалопојки

Еве и јас да се придружам на честитките за Илинден на неколку минути пред полноќ. Во суштина немам што многу да кажам оти Рибаро толку концизно ја сумира целата ситуација. Затоа ќе му одговорам на последните забелешки цитирам:

„Друго.
Бил некој во Крушево да ми кажи работи ли некоја фабрика, од што живеат луѓето во Крушево или само за 2 – ри август ни текнува да го посетиме, да го направиме депонија и.. Ај ќе се видиме до година.
Не е ли тешко лицемерие од таму да се праќаат пораки за економски стабилна и „Европска“ Македонија?“

Бидејќи сум по потекло сум од Крушево и често одам таму претходните пасуси би ги окаректеризирал како кристално чиста вистина. Во градот работи само една фабрика во која безмилосно се експлоатираат работничките шивачки. Таа текстилна фабрика е позната под името „ од Моцанот“ бидејки газда Моцан со работа од 25 часа на ден и плата од 4 000 денари реши да направи нешто за своите сограѓани.

И Македонците и Власите ќе ви кажат дека Таки Фити ништо не направи за градот иако според Крушевчани „кај него беше кесето“ (се мисли на периодот кога беше министер за финасии).

Притвореникот Јорго Ќука(вечниот директор на Охис) ја искраде цела Македонија и денар не вложи во Крушево.

Што направи Стерули Бурак, дистрибутерот на Фиат за Македонија?

Пратениците од Крушево уста не отворија во собранието, со исклучок на Кочо Преш кој побара катедра по Влашки јазик (а јас би додал и скулптура на Моцановци во центарот на градот)

Лагите и непатриотизмот на македонските политичари од војводата Љубчо преку вечните социјалдемократи Бране и Тито, па се до пречеснот Грујо ја надополнуваат оваа лицемерна слика за градот во кој живеев до својата 10- та година.

Денес Крушево ги живее последните години, а ако се продолжи со ваквиот однос ќе го снајде галичката судбина. Во општината службени јазици се Македонскиот и Албанскиот, а Крушевчани во гнев ќе ви кажат дека Турците се виновни што не го доуништиле градот уште тогаш!

Честит Илинден

3 comments August 2, 2007


Никола Николоски nikola.nikoloski@gmail.com

Archives

Blogroll

Blog Stats

apaheader.jpg
freudsex.jpg
efa_rainbow.gif