Archive for July, 2007
Компјутерскиот кварт
Денес бев во компјутерскиот кварт на Париз. Како почитувач на Фројд би ве прашал што ви паѓа прво на памет кога ќе ја чуете фразата „компјутерски кварт на Париз“? …… Дека таму може да се најде последниот збор на технологијата, дека има не знам што?
Во компјутерскиот кварт има мноооооооогу продавници за компјутери како и компјутерски делови. Воглавно продавниците се мали (со исклучок на една огромна). Овие мали продавници се всушност израз на малиот бизнис, а тоа значи дека семејствата егзистираат од оваа дејност.
Воглавно бизнисот го држат Кинезите. Вработените се љубезни и услужливи, но не и кој знае колку упатени во компјутерските работи (имајте предвид дека проценката за упатеноста ја дава психолог, а како тоа би изгледало во очите на професионален информатичар?!). Сепак пријателскиот однос и желбата да се помуабети го прават попријатно барањето на саканиот АТА адаптер и по неколку часа целта е „погодена“. Се разбира дека би бил лош професор, ако не поделев некоја поука. Имено едно момче кое продаваше во една продавница ми кажа дека делот што го барам го нема, а јас случајно го видов во излогот и му кажав дека го има. Тогаш тој ме праша за што служи му објаснив, а во муабетот се вклучи и еден муштерија кој подоцна ми објасни каде точно е големиот салон за компјутери кој пред малку го спомнав.
За жал и во Париз го имам чувството на Линукс дискриминиран корисник. Многу малку хардвер може да се најде на кој јасно е потенцирано дека е подобен за Линукс. Линукс корисниците знаат од искуство дека овој оперативен систем е супер и дека 90% од хардверот работи безпрекорно, но сепак тоа никој трговец нема да ви го признае од легислативни причини.
Add comment July 30, 2007
Заврши Tour de France
Победник на овогодинешното издание на Tour de France е шпанецот Alberto Contador. Имам впечаток дека велосипедскиот натпревар по традиција предизвикува внимание кај Французите. Сепак не може да се заобиколи незадоволството од се позачестената употреба на допинг. Ваквото нечесно однесување на велосипедистите ја осиромашува трката и фрла лоша светлина врз ѕвездите на трката како што беше случајот со Alexandre Vinokourov. Казакстанскиот велосипедист беше дисквалификуван поради допинг, скандал за кој многу се говореше или се говори во француските медиуми.
Интересен е подегот на германската телевизија која го прекина преносот од трката по сознанието дека некои германски велосипедисти користеле допинг.
Add comment July 29, 2007
Во пожарите да изгорат и партиските книшки
Сакав да напишам некој збор за моето патување во Лион и околината, меѓутоа пожарите во Македонија ми го ускратија тоа задоволство. Францускиве медиуми јавуваат за пожарите и жешкото време во Македонија. Така нашата земја стана позната во ЕУ по земјотресот во Скопје, војната во 2001 како и по пожарите што не можеме сами да ги изгаснеме. А како ќе можеме да се справиме со елементарните непогоди кога сите институции во Македонија се партизирани? Можеби партиските активисти се добри за лепење и кинење плакати, за публика по митинзи и сл, ама по се изгледа дека не можат да одговорат на стручните барања што ги поставуваат институциите во кои се вработиле благодарение на партиските книшки. Сигурен сум дека средствата што биле наменети за справување со пожари и други елементарни непогоди ненаменски биле трошени во текот на изминатите 15 тина години.И кои се последиците?Аман помагајте оти оган ја гори самостојната земја кандидат за ЕУ! Суверена Македонија коленичи и бара помош! Да живее 8 ми септември!
Кога веќе го споменав земјотресот сакам да потсетам на однесувањето на Македонците, особено на Скопјани. Целиот свет помогна да се обнови Скопје. Кога сиот свет им помагаше на луѓето што настрадаа од цунами помошта од Скопје беше минимална, речиси никаква. Зегин дури донираше лекарства со поминат рок. Со кое право бараме да ни помогнат другите?
ЗА КРАЈ ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ НА ХЕРАКЛИТ. ТОЈ ВО СВОЈАТА ФИЛОЗОФИЈА МУ ДАЛ ЦЕНТРАЛНО МЕСТО НА ОГНОТ. СПОРЕД НЕГО ОВОЈ СВЕТ ИСТ ЗА СИТЕ НЕ ГО СОЗДАЛ НИ ЧОВЕК НИ БОГ ТУКУ Е ЕДЕН ЖИВ ОГАН КОЈ ПО СВОЈА МЕРА СЕ ПАЛИ И ГАСИ. НАЈВЕРОЈАТНО ОГНОТ И НЕ Е ТАКА ЛОША РАБОТА.
Add comment July 25, 2007
Клиники без ѕидови – што беше тоа?
По клиничка психологија учевме дека најдобар начин за третман на психичките пореметувања се дневните центри. Најдобриот начин за да се ослободи нарко-зависникот од дрогата е тој да биде подвргнат на третман од стручни лица во средината каде што живее. Меѓутоа во земјава стручните лица се без работа „наркоманите“ го тероризираат недолжното население, а нестручните лица лекуваат нарко-зависници со апсење и затварање.
За да биде успешно лекувањето на зависниците од дрога, треба да се креира и одржува соодветна психо-социјална средина, која ни на сон не може да се создаде од луѓе кои своето работно место го добиле по партиска, роднинска, пријателска, сексуална или што знам каква линија. Кадарот примен на овој начин може да ниже бисери како што е апсењето на зависниците (изум на оваа влада) или да не прави ништо за спречување на наркоманијата (практика на сите претходни влади).
1 comment July 17, 2007
Новинарите на „Дневник“ уште живеат на Балканот
Еве го коментарот што го оставив на сајтот на „Дневник“ во врска со текстот НЕСОВЛАДЛИВИ ШЕНГЕН-БАРИЕРИ:
Почитувана госпоѓо Божиновска,
според мојата перцепција на нештата, единствениот центар за издавање на шенген визи не е никаква придобивка. Вистинска придобивка е укинувањето на визите во целост. Тоа е целта кон која треба да се стремиме и се што е под таа цел да го сметаме за неуспех.
Мислам дека Македонија треба да престане со земање примери од балканските земји (како и земји од типот на Молдавија) и конечно да се насочи кон развиените земји на ЕУ и САД.
Поздрав,
Никола Николоски
п.с. бидејќи „Дневник“ како слободен и независен медиум не ги објавува коментарите на читателите, коментаров (со линк до Вашиот текст) ќе биде објавен и на мојот блог www.psiholog1.wordpress.com
Add comment July 16, 2007
Et si tu n’existais pas
Кога зборувам за Париз и Франција шансоните се нерезделен дел од тоа мислење.
Избрав Et si tu n’existais pas на Joe Dassin да ја споделам со вас
2 comments July 14, 2007
Навики
Културните навики во нашата земја навистина се на ниско ниво особено кога станува збор за фрлањето ѓубре. Во населбава каде што сум на гости ѓубрето го собираат два дена во неделата. Ако вие не сте дома или не сте го изнесле ѓубрето тогаш треба самите да го исфрлите. Како? Во багажникот од колата го сместувате ѓубрето и возите до точно определеното место каде има големи контејнери во кои го фрлате ѓубрето. Отпадот се сепарира и се сместува во посебни контејнери: стакло, пластика, хартија итн. Местото определено за фрлање ѓубре меѓутоа не работи нон-стоп. Тоа значи дека ако задоцните нема да можете да го фрлите ѓубрето и да го депонирате отпадот и ќе мора да го фрлите ѓубрето другиот ден.
Овие навики беспрекорно функционираат. Тоа значи дека хигиената е на највисоко ниво, свеста на луѓето исто така. За разлика од Франција во мојата зграда во Македонија секој ден морам да ги собирам пикавците кои комшиите ми ги фрлаат на тераса. За ќесичките од чај, кутиите од влошки итн, да не правиме муабет.
Не знам што треба да се случи за да ги навикнам учениците да го фрлаат ѓубрето во корпата во училницата, а не на земја или под клупа. Најверојатно Une hirondelle ne fait pas le printemps.
3 comments July 13, 2007
Патлиџани во Париз
Денес во еден супермаркет во Франција забележав дека килограм домати чини 2,49 евра (околу 150 денари). Не треба човек да е експерт по економија за да заклучи каде е излезот од сиромаштијата во која се дави Македонија. Исто така лесно може да се заклучи кои стопански гранки први ќе доживеат подем со нашето влегување во ЕУ.
Останува да се елиминираат причините зoшто во средното училиште каде што работам се запишаа минимален број на ученици во земјоделската насока.
3 comments July 10, 2007
НЕРОДЕНАТА
Поткровјето на прекрасната куќа во елитниот дел на градот го исполнуваше придушена светлина. Беше доцна во ноќта и беше прилично тивко. На телевизорот се гледаа различни ликови од некоја непопуларна сателитска програма.
Гордана седеше во фотелјата во состојба на рамнодушност. Нејзините родители беа отидени некаде во странство.
Прашањето кое што се поставува е: Дали Гордана нависитна има некакви родители и дали таа воопшто е родена?
Времето полека одминуваше. Мислите во главата на Гордана предизвикуваа немир и повремено бол. Забавата која што порано ја напушти имаше карактер на неважен настан.
Некаде околу еден часот по полноќ, Гордана стана и почна да се облекува. Убаво се суреди, ја изгасна светилката во поткровјето и слезе во гаражата. Го запали џипот и тргна на пат…..
Застана на една бензиска пумпа. Таму имаше никои момчиња кои што не знаеја како да реагираат на нејзината убавина и неколку пати и` дофрлаа. Таа не им обрна внимание.
Надвор веќе почнуваше да врне. Гордана влезе во џипот, ја намести косата и ја попушти музиката на радиото.
Патуваше по автопатот и не сретна многу возила. Само капките дожд ја придружуваа.
После 2 часовно патување се приближи до градот каде што беше тргнала. Ја намали брзината, го зеде телефонот и му се јави на тој во кој што беше вљубена. Се договорија да се видат во центарот на градот.
Во градот работеше само една сендвичара. Седнаа таму, еден наспроти друг. Малку зборуваа. Отако завршија со јадењето, тој си отиде дома, а Гордана тргна на пат.
В зори веќе беше дома. Облече пиџами и повторно му се препушти на Сонувањето.
6 comments July 7, 2007
Младен
Возот се приближуваше до Скопје, а таткото не престануваше да ја советува својата ќерка. Повеќе од два часа, тинејџерката се мрштеше и вртеше со очите, но таткото упорно ја предупредуваше на опасностите што во себе ги крие големиот град. Идната студентка требаше да се смести во студенскиот дом – руинирана зграда со над 30 години старост.
Веќе беше пладне кога сигнаа во домот. Ќерката се смести, се запозна со новата цимерка, а такото отиде да се прошета низ Скопје. На излегување се размина со некои млади луѓе, но еден како да му се стори познат од некаде. Часовите брзо минуваа, и дојде време да се врати во Прилеп.Отиде да се поздрави со ќерката и на влезот на студентскиот дом истото момче што го виде на излегување, му го пресече патот и за миг исчезна. Таткото се подзамисли, го викна лифтот и отиде кај ќарка си. Се поздравија и си замина.
На излегување некој викна: „Младен!“ Таткото се запрепасти кога виде дека на претходниот извик се одѕва токму момчето што веќе трет пат го гледа тој ден. И немаше ништо чудно во тоа доколку момчето – Младен – не беше негов врсник и другар од студентските дни. Но Младен беше млад исто како ќерка му иако би требало да има околу 50 години! Тој беше буквално ист како пред 30 години!
Таткото стигна во Прилеп и на никој не кажа за случката. Кој би поверувал дека негов врсник е сеуште млад, строен, здрав, оптимистичен, амбициозен студент, авангарден, поет и филозоф. Нема ли да го направат будала ако им каже дека Младен успеал да му побегне на времето, да го порази времето? Овие прашања го мачеа таткото, но секогаш кога ќе отидеше во Скопје да ја види ќерка си, задолжително се среќаваше и со Младен, на истиот начин како што се сретна и првиот пат .
5 comments July 5, 2007